Студентка и нејзин колега од Куманово кои студираат на приватен универзитет, добиле случај против Град Скопје пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), каде поднеле претставка зашто немаат право да користат бесплатен јавен превоз како што имаат студентите на државните универзитети. Овие двајца студенти, всушност, се изборија за сите нивни колеги запишани на приватните универзитети, а кои осма година немаат немаат право на бесплатен јавен превоз за разлика од студентите на државните универзитети.
КСЗД ја задолжи градоначалничката Данела Арсовска во рок од 60 дена да иницира измена на Одлуката за давање субвенција на ЈСП „Скопје“, со која ќе се утврди правото на бесплатен превоз и на студентите запишани на приватните универзитети. Со новата Одлука треба да се обезбедат средства за бесплатен превоз на сите редовни студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети за 2023 година, со цел отстранување на повредата на правото на еднаквост, бара Комисијата.
За двајцата студенти од Куманово кои поднеле претставки, Комисијата донесе препорака Град Скопје да им овозможи право да користат бесплатен градски превоз на еднаква основа како и нивните колеги запишани на државните универзитети, во рок од 30 дена од добивањето на Мислењето.
КСЗД ги предупредува Град Скопје и градоначалничката Арсовска дека, согласно член 27 од законот, се задолжени да постапат во зададените рокови. Ако не постапат, Комисијата е должна да поднесе барање за покренување постапка пред надлежен суд. Казните за физички лица се до 400 евра, а за правни лица до 10.000 евра.
Двајцата студенти со претставките го опфатиле и Министерството за образование и наука, но КСЗД кај него не утврдила дискриминација, бидејќи не носело одлуки околу бесплатниот превоз на студенти запишани на државните универзитети, туку спроведувало одлуки на Владата во годините кога ги носела.
Во врска со овие претставки, всушност, КСЗД утврди директна продолжена дискриминација и индиректна продолжена дискриминација. Директна врз двајцата подносители е утврдена врз основа на личен и општествен статус редовна студентка, односно редовен студент, извршена од Град Скопје во областа „пристап до добра и услуги во образованието“. Индиректна продолжена дискриминација од Град Скопје, пак, е утврдена кон сите студенти кои се школуваат на приватни универзитети во Македонија.
Станува збор за одлука на Владата уште во 2016, во рамки на проект за бесплатен превоз на студенти, со која се препорачува Град Скопје да овозможи бесплатен превоз на редовните студенти само од државните универзитети во автобусите на ЈСП „Скопје“. Оттогаш заклучно со 2023 година, согласно ваквата дискриминирачка препорака, има донесено 8 одлуки (заклучно со таа од 2016) со кои не им дава бесплатни слободни карти на студентите од приватните универзитети.
Комисијата упатува на тоа дека Законот за високо образование во статусот „студент“ не ги дели на студенти на државен и студенти на приватен универзитет. Натаму, во членот 27 од истиот закон, се утврдуваат правата и обврските на студентот: „Користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго), ГРАДСКИ И МЕЃУГРАДСКИ ПРЕВОЗ според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности“.
„Оттука, евидентно е дека во Законот за високото образование не се прави никаква разлика при дефинирањето на статусот, правата и обврските меѓу студентите запишани на државните и приватните универзитети. Разлика не прават ни Законот за студентски стандард, ниту Законот за субвенциониран студентски оброк“, предупредува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
С. К. ДЕЛЕВСКА