Вчерашните избори беа голема шанса за опозицијата да стави крај на дведецениското владеење на Реџеп Таип Ердоган. Успехот на Ердоган никаде не беше толку неочекувано изразен како во областите погодени од февруарските земјотреси.
Тој освои удобно мнозинство во седум од погодените 11 провинции и овие резултати ги поништија очекувањата дека јавниот бес поради бавната реакција на владата по земјотресите и широко распространетата корупција во градежниот сектор може да поттикне радикална промена кај гласачкото тело, дури и кај конзервативните гласачи во Караманмараш. Напротив, Ердоган освои 72% гласови во оваа провинција, во која се случија некои од најголемите уништувања, само 2% помалку во однос на изборите во 2018. Многумина гласачи сметаат дека проблемите лежат во владата, а не во самиот Ердоган.
„Тој работи напорно за земјата“, кажа еден 18-годишен гласач од Караманмараш.
Киличдароглу славеше со мала разлика во најголемите турски градови, каде што инфлацијата и економската криза повеќе доаѓаат до израз, но неговите пораки за промена не успеаја да го променат мислењето на многумина во руралните провинции како Караманмараш.
Гласачите особено беа загрижени за тоа што би можела да донесе победата на опозицијата. Тие стравуваа дека коалицијата на Киличдароглу е кревка и дека самиот тој е ризичен и несоодветен избор за водење на земјата по Ердоган. Многуминаа кажаа дека повеќе веруваат во ветувањата на Ердоган во поглед на обновата по земјотресите. Тој, меѓу другото, вети дека сите уништени домови повторно ќе бидат изградени во рок од една година.
Коалицијата на Киличдароглу вклучи и верски партии и групи одметнати од АКП на Ердоган, со цел да се привлечат и конзервативни и религиозни гласачи.
„Како што гледате, јас носам шамија, а сестра ми не, што покажува дека во земјата постои демократија. Гласот за Киличдароглу би можел да значи враќање во истото место каде што жените беа во 1990-ите“, изјави 20-годишната Мелике Озбулут, која првпат имаше право да гласа.