ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОТПИША ЗАКОНИТЕ ЗА АВТОПАТИТЕ ОТИ ВО НИВ НЕМА ФОРМУЛАЦИЈА „60-ЧАСОВНА РАБОТНА НЕДЕЛА“

    ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОТПИША ЗАКОНИТЕ ЗА АВТОПАТИТЕ ОТИ ВО НИВ НЕМА ФОРМУЛАЦИЈА „60-ЧАСОВНА РАБОТНА НЕДЕЛА“Пендаровски ја упати секоја заинтересирана страна дека има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој закон. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша петте закони во врска со изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10Д, што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тој на денешната прес-конференција по тој повод кажа дека го направил тоа затоа што во нив, конкретно во Закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, не постои формулацијата „60-часовна работна недела“.

    „Изминативе месеци дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата „60-часовна работна недела“. Изминативе денови направив низа консултации во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии на Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет. По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам Указот за прогласување на овој закон, и на останатите четири закони“, изјави Пендаровски.

    Понатаму, тој ја упати секоја заинтересирана страна дека има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој закон.

    „Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат судиите на Уставниот суд“, вели Пендаровски.

    Станува збор за Закон за изменување и дополнување на законот за работни односи, Закон за изменување и дополнување на законот за експропријација, Закон за изменување и дополнување на законот за градење, Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и Закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за импементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д, коишто беа усвоени со пропишано мнозинство во Собранието, а чии што укази за прогласување стигнале до Пендаровски во петокот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира