ЕДНА ГОДИНА ВЛАДАТА И ГРАД СКОПЈЕ НЕ ПОМАГААТ ДА СЕ НАМАЛИ МЕНСТРУАЛНАТА СИРОМАШТИЈА, МЕСЕЧЕН ТРОШОК НА СРЕДНОШКОЛКИТЕ Е 420 ДЕНАРИ ЗА ОВИЕ ПРОИЗВОДИ

    ЕДНА ГОДИНА ВЛАДАТА И ГРАД СКОПЈЕ НЕ ПОМАГААТ ДА СЕ НАМАЛИ МЕНСТРУАЛНАТА СИРОМАШТИЈА, МЕСЕЧЕН ТРОШОК НА СРЕДНОШКОЛКИТЕ Е 420 ДЕНАРИ ЗА ОВИЕ ПРОИЗВОДИАнкетирани биле 328 средношколки од пет средни училишта. (Фото: К. Попов)

    Просечниот месечен трошок на средношколките за менструални производи изнесува 420 денари, што претставува значителен дел од месечните расходи и може да се смета за финансиско бреме, особено за семејства со повеќе жени во репродуктивен период, како и со семејства со ниски приходи, вели организацијата Балканска Водна Мрежа. Град Скопје сѐ уште не ја спроведува одлуката од 30 декември 2021, за средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот да добиваат бесплатни менструални производи.  Тогаш беше објавено дека во буџетот за 2022 година за оваа намена ќе бидат предвидени 2 милиони денари (32.000 евра), откако на расправата за буџетот беше прифатен амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ Теодора Крстевска.

    Премиерот Димитар Ковачевски на 1 декември 2022 најави дека средствата за менструална хигиена (влошки, тампони, чашичка и слични производи), ќе имаат повластена даночна стапка од 5 проценти и дека со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација ќе се намали продажната цена, но до ден денес, таква одлука не е донесена.

    Од Балканска Водна Мрежа го објавија извештајот од Трошковната анализа на цената на менструални производи за потребата на средношколките на територија на град Скопје. Оваа анализа се спроведе во рамки на иницијативата „Борбата против менструалната сиромаштија – неостварено изборно ветување, спроведувана од Балканска Водна Мрежа во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)“.

    Целта на иницијативата, како што вели Организацијата, е да ја мониторира отчетноста и реализацијата на изборното ветување на ДОМ за искоренување на менструалната сиромаштија. Анкетирани биле 328 средношколки од пет средни училишта.

    „Град Скопје за потребите на сите средношколки треба да издвојува 1.091.808 евра годишно, односно за менструални производи за 13.314 ученички тоа се 5.591.880 денари или 90.984 евра месечно. Влошките за повеќекратна употреба беа идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Проценката е дека користењето на влошките за повеќекратна употреба би ги намалило месечните трошоци за менструални производи за повеќе од 94 % во споредба со употребата на стандардни производи. Вложувањето во повеќекратно употребливи менструални производи, како што е менструалната чашка се покажа како една од најефективните начини за намалување на трошоците на долг рок. Според анализата, употребата на менструалната чашка може да го намали месечниот трошок за менструални производи за 93% и да се допринесе за значителна заштита на животната средина преку намалување на отпадот од еднократни производи. Од трошковната анализа произлегува заклучокот дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија“, вели проектната координаторка Александра Радевска.

    Оттаму, тие препорачуваат повеќе мерки како: Градот Скопје и релевантните институции треба да разгледаат и прифатат мерки за обезбедување на бесплатни или субвенционирани менструални производи за жените и девојките со ниски приходи и дека образовните институции треба да обезбедат образование и свесност за менструалното здравје и алтернативните опции за менструални производи, со фокус на младите девојки.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира