ПРОФЕСОРКАТА ОД ЕКОНОМСКИОТ ИНСТИТУТ БИЉАНА АНГЕЛОВА Е НОВА РЕКТОРКА НА УКИМ

    ПРОФЕСОРКАТА ОД ЕКОНОМСКИОТ ИНСТИТУТ БИЉАНА АНГЕЛОВА Е НОВА РЕКТОРКА НА УКИМАнгелова е вработена на Економскиот институт од 1992, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. (Фото: МИА)

    Професорката д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) Скопје, и проректорка за финансии, инвестиции и развој, денеска е избрана за нова ректорка на УКИМ со тригодишен мандат, соопшти Универзитетската изборна комисија, објави МИА.

    „Според доставените резултати од страна на изборните комисии од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ – Скопје, за ректор на УКИМ во мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година е избрана проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт“, стои во Одлуката на Универзитетската изборна комисија (УИК).

    Ангелова е втора ректорка во историјата на УКИМ, по Радмила Кипријанова, која беше во два мандата од 1994 до 1998 година.

    Според Комисијата, Ангелова добила 1. 958.681 поени, а второпласираниот кандидат Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) – 888.043. Натаму следуваат Горан Ајдински од Филозофскиот факултет со 866.078 поени, Христина Спасевска од ФЕИТ со 784.308, Атанас Кочов од Машинскиот факултет со 643.519 и Ратко Дуев од Филозофскиот факултет со 459.372 поени.

    Претседателката на УИК, проф. Родна Живковска претходно за МИА изјави дека гласањето за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на сите 28-те единици – 23 факултети и пет институти, што денеска траеше од 12 до 14 часот, поминало во најдобар ред.

    За еден од шесте кандидати за нов ректор на Скопскиот универзитет право да глас имаа 1.419 запишани гласачи во Единствениот избирачки список.

    По објавувањето на резултатите од тајното гласање, ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати. Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.

    Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на Скопскиот универзитет ја извршуваше два мандата.

    Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 првпат е избрана во највисокото научно звање научна советничка/редовна професорка во областа на деловни финансии, а во 2012 повторно е избрана во редовна професорка во областа на финансиски менаџмент. Во периодот 2006-2008 била раководителка на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прва раководителка на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016. Од ноември 2009 до септември 2016 била директорка на Економскиот институт. Во јуни 2016 е избрана за проректорка за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 за мандатниот период 2020-2023. Од 2016 до 2023 е претседателка на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира