По вчерашниот напад со дронови на Москва, за кој Украина не презеде одговорност, денеска на ист начин биле нападнати две нафтени рафинерии во рускиот регион Краснодар, а бил гранатиран и пограничниот регион Белгород, велат локалните власти.
Двете рафинерии се наоѓаат само 80-ина километри источно од најголемиот руски терминал за извоз на нафта Новоросијск. Гувернерот на Краснодар, Венјамин Кондратјев, изјави дека во рафинеријата Афипски избил пожар откако била погодена со дрон, кој потоа бил изгаснат. Друг дрон паднал во рафинеријата Илски, но не предизвикал штета на инфраструктурата.
Вјачеслав Гладков, гувернерот на Белгород, кажа дека четири лица се ранети во гранатирањето на градот Шебекино, сместен само седум километри од границата со Украина. Тој вели дека градот неколкупати бил гранатиран во изминатите денови.