Саниран е Меморијалниот комплекс на паднатите борци од револуцијата во Штип, архитектонско-скулптурално дело од артитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на 20. век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија, соопшти Министерството за култура. Ова искучително значајно дело е поставено на источната страна на археолошкиот локалитет Исар, а го санираа екипи од Завод и музеј-Штип.
Делото на Богдановиќ (роден 20 август 1922 во Белград, починал 18 јуни 2010 во Виена) било избрано на конкурс за да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна, како чин на комеморација. За завршувањето на споменичкиот комплекс во Штип на авторот му биле потребни пет години, а неговата свечена инагурација се извршила на Денот на ослободувањето на Штип, 8 Ноември во 1974 година.
Екипите од Штипскиот музеј во изминатиот период ги отстранија нечистотиите, вегетацијата, бројните графити на сите делови од комплексот со што се сочуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и други активности.
Во овој меморијален комплекс подигнат во чест на паднатите борци во Народно-ослободителната војна, се одбележуваат неколку датуми со учество на делегации, учесници во војната и граѓани, со положување цвеќе и комеморација. На комплексот се одбележуваат: 11 Октомври, Денот на почетокот на народното востание во Македонија, 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Штип и 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
„Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, започна со реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода. Како проект на Владата, предвиден со Буџетот за оваа година, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни Општините, односно Градот Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја“, велат од Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА