НЕМА ПРИЧИНА НЕКОЈ НА УСТАВЕН СУД ДА ГИ ОСПОРУВА ЗАКОНИТЕ ЗА ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОРОТ 8, РЕЧЕ АРТАН ГРУБИ КОЈ ПО ВТОРПАТ ОЗНАЧИ ПОЧЕТОК НА ГРАДБА НА АВТОПАТОТ

    НЕМА ПРИЧИНА НЕКОЈ НА УСТАВЕН СУД ДА ГИ ОСПОРУВА ЗАКОНИТЕ ЗА ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОРОТ 8, РЕЧЕ АРТАН ГРУБИ КОЈ ПО ВТОРПАТ ОЗНАЧИ ПОЧЕТОК НА ГРАДБА НА АВТОПАТОТВо близина на наплатната рампа на автопатот од Тетово кон Гостивар, една машина за испитување на составот на земјиштето и неколку работници од „Бехтел и Енка“ го претставуваа почетокот на градбата. (Фото: СДК.МК)

    Исто како и пред околу еден месец така и денеска, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“ Ејуп Рустеми повторно го означија почеток на градбата на Коридорот 8. Во близина на наплатната рампа на автопатот од Тетово кон Гостивар, една машина за испитување на составот на земјиштето и неколку работници од „Бехтел и Енка“ го претставуваа почетокот на градбата на оваа сообраќајница.

    Првиот вицепремиер Артан Груби смета дека изгласаните закони кои се поврзани за изградбата на Коридорот 8 нема да паднат на Уставен суд, па дури и не гледа причина зошто некој би покренал иницијатива до Уставниот суд за ова.

    „Нема да паднат на Уставен суд и не верувам дека ќе паднат и не гледам зошто би имало иницијатива до Уставен, зашто никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Се искоординира целата правна служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти од Владата и министерствата, така што апсолутно нема никаква причина ниту да се оспори ниту да се разгледува од Уставниот суд“, изјави Артан Груби.

    Директорот на ЈП „Државни патишта“ Рустеми нагласи дека ова било голем ден за изградбата на Коридорот 8 бидејќи сега, за разлика од минатото, се градело по сосем нов концепт.

    „Почнуваме со нов концепт на градење на нашите автопатишта. Денеска почнуваме со 4 главни активности на градба на Коридорот 8 и Коридорот 10 Д. Почнуваме со геомеханичките испитување на трасата, паралелно со ова се оди со проектирање, подготвување елаборати за експропријација и со мобилизација на градба. Кога ќе биде експроприран дел од трасата и ќе заврши проектирањето, веднаш ќе се започне и со градбата на Коридорот 8. Ова е тој новиот концепт на градба, кој се вика црвениот модифициран филинг за брза градба на патиштата. Јас одговорно тврдам дека од денес имаме механизација на терен“ , изјави Рустеми.

    Рустеми исто така кажа дека досега има исплатено 117 милиони евра на изведувачот „Бехтел и Енка“, дека механизацијата која сега работи на теренот е од компанија од Македонија и дека во сите активности кои сега се одвиваат се ангажирани компании од емјава, а така ќе биде и во наредниот период.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира