СЀ И СЕШТО СЕ ФРЛА ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧЕН ОТПАД НИЗ СТРУМИЦА

    СЀ И СЕШТО СЕ ФРЛА ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧЕН ОТПАД НИЗ СТРУМИЦАОпштината апелира на поголема совесност кон урбаната опрема, но и менување на навиките при депонирање на отпадот. (Фото: СДК.МК)

    На 12 локации во Струмица, Општината неодамна постави контејнери за електронски и електричен отпад каде граѓаните може да депонираат батерии, и секаков вид отпад од електронски уреди. Иако на самите контејнери има упатство за користење и кои видови отпад може да се остава во нив, струмичани во нив фрлаат разновиден отпад. Дел од овие контејнери се веќе и оштетени, за што општинските власти апелираат на поголема совесност кон урбаната опрема, но и менување на навиките при депонирање на отпадот.

    „Воспоставивме организиран систем за собирање електронски и електричен отпад, но за жал, дел од граѓаните во нив одлагаат секаков вид отпад што не е во ред. Еден контејнер е веќе демолиран. Ако сакаме чиста и здрава животна средина ќе мора да ги менуваме навиките. Како Општина почнавме етапно со селекцијата на отпадот, но ќе мора и граѓаните да имаат одговорност кон овој процес“, ни изјави Бранко Ѓеоргиев, раководител на одделот Чистота од струмички „Комуналец“, додавајќи дека деновиве зачестија контролите и од комуналните инспектори.

    Освен по улиците, мали контејнери за електронски отпад се поставени во речиси сите јавни институции, училишта и градинки со цел да се намали количеството на електронски отпад на депонијата Шапкар.

    Општината во меѓувреме распиша тендер за набавка и на полуподземни контејнери за мокра фракција, кои ќе бидат поставени на повеќе локации во градот. Според објавената техничка документација, станува збор за 20 контејнери со зафатнина од пет кубни метри отпад.

    Од февруари годинава, 1.200 домаќинства од Струмица добија садови за селекција на пластиката од комуналниот отпад. Според „Комуналец“, за првите три месеци од селектирани се 4,5 тони пет палстика и 1,3 тони лименки.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира