Американскиот актер Трит Вилијамс, кој се прослави во филмскиот мјузикл „Коса“, загина во сообраќајна несреќа во Вермонт на 71 година. Вилијамс паднал од својот мотор откако бил удрен од теренско возило, објави полицијата. Иако носел кацига, во болница бил префрлен во критична состојба и лекарите веднаш констатирале смрт.
Во кариерата долга речиси 50 години, Вилијамс оствари повеќе од 120 филмски и телевизиски улоги, а глумеше и во театар.
„Вилијамс беше еден од најомилените актери, тој беше срцето на Холивуд од крајот на 1970-ите“, изјави неговиот менаџер Бери Мекферсон.
По филмското деби во 1975, Вилијамс го имаше големиот пробив во Холивуд четири години подоцна со улогата на хипи лидерот Џорџ Бергер во филмската верзија на хит мјузиклот „Коса“. Потоа глумеше во филмови како „1941“ на Стивен Спилберг, „Беше еднаш во Америка“ на Серџо Леоне и „127 часа“ на Дени Бојл и се појави во десетици телевизиски серии, меѓу кои најпозната е неговата улога на лекарот Ендрју Браун во „Еврвуд“.
Двапати беше номиниран за Златен глобус и еднаш за Еми.