Руските медиуми известија за смртта на уште еден руски генерал во војната во Украина. Повеќе руски воени блогери објавија дека генерал-мајорот Сергеј Горјачев загинал во украиски ракетен напад во јужниот регион Запорожје, каде што украинските сили тргнаа во противофанзива.
„Како резултат на непријателски ракетен напад загина искусниот заповедник на 35. армија со комбинирано вооружување, генерал-мајорот Сергеј Горјачев. Руската војска изгуби еден од најсветлите и најефективни воени лидери“, напиша угледниот блогер Военкор на Телеграм.
Неколкумина блогери објавија дека Горјачев најверојатно загинал во напад со британски проектили со долг дострел „сторм шедоу“.
Педесет и двегодишниот Горјачев претходно служел во одметнатиот проруски регион во Молдавија, Транснистрија и во Таџикистан.
Се верува дека од почетокот на војната загинале повеќе од десет руски генерали, иако Москва не ги потврди сите овие случаи.