НОВИОТ ДУП Е СМРТ ЗА ЛИСИЧЕ, НЕ САКАМЕ ЗГРАДИ, КАЖАА ЖИТЕЛИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПЛАНОТ КОЈ ГО СПРЕМА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

    НОВИОТ ДУП Е СМРТ ЗА ЛИСИЧЕ, НЕ САКАМЕ ЗГРАДИ, КАЖАА ЖИТЕЛИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПЛАНОТ КОЈ ГО СПРЕМА ОПШТИНА АЕРОДРОМНа протестот беше кажано дека овој дел од Скопје има големо аерозагадување, па нема место за облакодери (Фото: К. Попов)

    Со балони, свирчиња и тапани, жителите на скопско Лисиче денеска излегоа на протест против новиот Детален урбанистички план кој го подготвува Општина Аеродром. Порачаа дека не сакаат згради и дека за урбаната мафија нема место во нивната мирна населба. Бараат планот целосно да се повлече бидејќи е смрт за населбата.

    „Не веруваме во објавите од Општината дека планот ќе се промени и дека ќе бидат земени предвид нашите барања. Нашите барања се да се избришат маркичките за згради. Овој дел од Скопје е со големо загадување на воздухот, како може да цртаат облакодери”, рекоа жителите на протестот.

    Граѓаните излегоа на протестот со балони, свирчиња и тапани (Фото: К. Попов)

    Според новиот ДУП, во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија, на просторот каде што сега нема објекти, туку само еден плац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, шест ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булеварот Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катница со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да градат згради со приземје, четири ката и поткровје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира