Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко го замрзнал членството во владејачката Демократска унија за интеграции по ставањето на црната листа на САД на неговото и на имињата на жена му и децата.
„Раководството на партијата го прифати предлогот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, да ги замрзне членството и активностите во партијата и во нејзиното раководство. Тој веќе не е член на раководството на ДУИ, ниту член на партијата додека не се завршат истрагите против него“, кажа министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
Тој кажа дека САД се нивни најголем стратешки партнер и сојузник, а нивните одлуки ДУИ ги почитува и ги смета за добронамерни.
ДУИ бара институционална верификација на сите тврдења на Стејт департментот, односно веднаш да почне сеопфатна истрага за нив.
Османи соопшти дека ДУИ ја прекинува и предизборната активност во Струга, додека не се создадат нови услови за нивно организирање. Партијата истовремено донела заклучок со кој бара и проверка на сите функционери, почнувајќи од лидерите на сите политички партии, преку високите функционери, до најниските ешалони.
С. К. ДЕЛЕВСКА