ОД ТРИТЕ КУЌИ ВО НОВО СЕЛО ШТО ЖАН МИТРЕВ ГИ ПОДАРИ НА ШТИП, ДВЕ ПАДНАА, А ЗА ТРЕТАТА ЌЕ СЕ БАРААТ ПАРИ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА

    ОД ТРИТЕ КУЌИ ВО НОВО СЕЛО ШТО ЖАН МИТРЕВ ГИ ПОДАРИ НА ШТИП, ДВЕ ПАДНАА, А ЗА ТРЕТАТА ЌЕ СЕ БАРААТ ПАРИ ЗА РЕСТАВРАЦИЈАМитрев ги подари куќите откако не ги доби потребните дозволи за реставрација (Фото: СДК.МК)

    По секој дожд во изминатиот период паѓаше по некој камен од трите стари куќи што докторот Жан Митрев ги купи, а потоа во 2017 ги подари на Општина Штип, откако не успеа да ги добие потребните дозволи за реставрација. Две куќи се срушија во јануари 2019, а и третата е на прагот да ја доживее истата судбина.

    За да не се случи нивно целосно пропаѓање, НУ Завод и Музеј Штип пред неколку години одобри проект-план за изградба и неопходна реставрација, за да се зачува старата архитектура на Ново Село. Од Општина Штип велат дека останатата куќа е добра основа да се добијат средства од меѓународни извори преку проекти за прекугранична соработка.

    „Елаборатот предвидува комплетна реставрација на куќата која сè уште постои, а на просторот каде што беа останатите две куќи да се изгради еден убав објект во стилот на стара новоселска куќа, која ќе биде од отворен тип“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Според него, новиот објект би бил прилагоден за сместување лица кои ги користат услугите на бањата Кежовица, која исто така ќе биде дел од проектот за прекугранична соработка. Кога ќе се случи тоа, Јорданов не можеше да каже.

    Општината за ова лето планира и обнова на уличната инфраструктура на Ново Село, посебно на главната улица Крсте Мисирков, која ќе биде поплочена со камен како што била некогаш.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира