СТРУМИЦА ДОБИ ПРВ КЛУБ ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ДЕЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМ И НА НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА

    СТРУМИЦА ДОБИ ПРВ КЛУБ ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ДЕЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМ И НА НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВАКлубот „Деца на сонцето“ го отвори здружението „Вера“ од Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Струмица доби клуб за помош и поддршка на деца и млади со Даунов синдром, кој ќе функционира секој работен ден во неделата. Во клубот, лицата преку воннаставни активности ќе се социјализираат и подготват да бидат самостојни во заедницата, а за нивните семејства тоа значи помош и поддршка за надминување на проблемите. Станува збор за пилот-проект кој ќе трае 12 месеци. Таму ќе бидат ангажирани логопед, дефектолог, едукатор кои ќе се грижат за децата. Паралелно, поддршка ќе добиваат и семејствата кои имаат деца со Даунов синдром.

    Клубот „Деца на сонцето“ го отвори здружението „Вера“ од Струмица преку Програмата за социјална заштита на Општина Струмица, и во наредната година ќе биде место каде децата по четири часа дневно од понеделник до петок ќе имаат помош и поддршка за настава, животни вештини и навики.

    „Ова е единствен клуб во Македонија кој е наменет за деца и младинци со Даунов синдром и нивните семјества. Децата овде во клубот ќе бидат свои на своето. Јас како родител веќе 16 години живеам со пријателот Даун и ние сме гласни секогаш кога се работи за нашите деца. Даваме пример дека децата ниту се заразни ниту болни и треба со наша помош, со сечија помош од општеството да си го добијат своето место. Да бидат образовани, социјално еднакви, за да можат да бидат самостојни откако еден ден нас родителите не нема“, рече Анче Туфекчиева, претседателка на здружението „Вера“.

    Градоначалникот Костадин Костадинов кажа дека се размислува и догодина да се обезбедат средства за опстојување на клубот кој се наметна како потреба за инклузија на лицата со Даунов синдром.

    Клубот за помош и поддршка на деца и млади со Даунов синдром ќе фунцкионира во повеќенаменскиот социјален центар во Струмица, кој беше отворен пред две години во еден од објектите на пораншената касарна.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира