Најмалку осум луѓе загинаа, од кои три деца, откако руски ракети го погодија центарот на Краматорск во источна Украина. Во синоќешниот напад се погодени ресторан и трговски центар во градот кој се наоѓа блиску до окупираните делови на Украина.
Од урнатините се извлечени телата на две деца од 12 и 15 години, а потврдено е дека загинала и 17-годишна девојка. Украинските итни служби кажаа дека се повредени најмалку 56 луѓе, вклучувајќи осуммесечно бебе и тројца странски државјани.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека погодените објекти се сериозно оштетени. Белгискиот новинар Арно де Декер кажа дека бил во популарниот ресторан „Рио лаунџ“ непосредно пред да биде погоден.
„Тоа е голем ресторан и би рекол дека во моментот на нападот внатре биле околу 80 вработени и гости“, кажа Де Декер.
Краматорск, еден од најголемите градови на истокот кој и натаму е под контрола на Украина, често беше мета на руските напади од почетокот на војната, па во април минатата година загинаа над 60 луѓе на железничката станица.