Потврдено е дека човечките останки пронајдени во планините на Калифорнија му припаѓаат на британскиот актер Џулијан Сендс, кој исчезна при планинарење во јануари. Полицијата кажа дека на нив налетал еден планинар во саботата и сега и формално беа идентификувани.
Шеесет и петгодишниот Сендс оствари повеќе од 150 филмски и телевизиски улоги во кариерата, меѓу кои се истакнуваат оскаровецот „Соба со поглед“, „Вештер“, „Напуштајќи го Лас Вегас“, „Девојката со тетоважа на змеј“ и сериите „24“ и „Смолвил“, во која го играше таткото на Супермен.
Сендс исчезна на 13 јануари во планините Сан Габриел во услови на лошо време, што ја отежнуваше и спасувачката операција од воздух и на копно.
„Со сигурност можеме да потврдиме дека пронајдените останки му припаѓаат на Џулијан Сендс. Начинот на смртта и натаму е под истрага“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Сан Бернардино.
Сендс е роден во Англија, а на крајот на 1980-ите се преселил во Холивуд. Последните три филма на кои што работел допрва ќе излезат.