ОТКУПЕНИТЕ ДРАМСКИ ТЕКСТОВИ НА ЈОВАНОВИЌ-МИЛЕНКОВИЌ И ДУШАНСКИ ОБЈАВЕНИ НА ВЕБ-СТРАНАТА НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“

    ОТКУПЕНИТЕ ДРАМСКИ ТЕКСТОВИ НА ЈОВАНОВИЌ-МИЛЕНКОВИЌ И ДУШАНСКИ ОБЈАВЕНИ НА ВЕБ-СТРАНАТА НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“Идејата на конкурсот беше да се збогати домашното драмско творештво, вели директорката на Фестивалот, Ана Стојаноска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    Трите драмски текстови кои ги откупи Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Мила Јовановиќ-Миленковиќ и Мики Душански се поставени на интернет страницата на Фестивалот. Текстовите „Бреме“ на Јовановиќ-Миленковиќ и двата од Душански „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“, беа избрани на конкурсот во соработка со Министерството за култура.

    Идејата на конкурсот беше да се збогати домашното драмско творештво, но и да се влијае на поттикот овие текстови да бидат поставени на националните театарски сцени каде наголемо недостига домашната драма.

    Министерството за култура на авторите на македонските драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст обезбеди авторски надомест во нето-износ од по 120 илјади денари.

    „Еден од најважните заклучоци на 57. издание на МТФ ‘Војдан Чернодрински’, што се реализираше од 9 до 16 јуни во Прилеп е дека треба што повеќе да се фокусираме токму на новата македонска драма и нејзиното оживување на театарските сцени“, велат од Фестивалот.

    Беа пријавени 48 текстови, а за наградените одлучуваа Маја Стевановиќ, професорка на ФДУ, драмска авторка и драматург, Нина Николиќ, театарска режисерка и Васил Михаил, актер, драмски автор и режисер.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира