Францускиот претседател Емануел Макрон ја одложи посетата на Германија поради немирите во Франција, соопшти Канцеларијата на федералниот претседател на Германија. Макрон првично требаше да биде во Германија цо понеделник и вторник, но побара одложување, се вели во соопштението на канцеларијата.
„Посетата ќе биде што е можно поскоро“, се вели во соопштението.
Макрон му телефонираше на претседателот Штајнмаер денеска попладне за да му каже за ситуацијата во Франција, се вели во соопштението. Елисејската палата потврди дека Макрон побарал одложување.
Дополнителни полициски сили се испратени во француските градови Марсеј и Лион поради стравувањата од петта ноќ на немири откако полицијата застрела 17-годишно момче од алжирско-мароканско потекло. Погребот на момчето беше одржан денеска во париското предградие Нантер. Имаше вести за голема толпа на погребот, но семејството побара од медиумите да се држат настрана.
Во текот на ноќта, 1.300 луѓе беа уапсени ширум Франција во четвртата ноќ на немири во кои имаше масовен вандализам и грабежи.