ПОЧНАА ЛЕТНИТЕ ЧАРТЕР ЛЕТОВИ ОД СКОПЈЕ ЗА КИПАР, ОСТРОВОТ СО 77 ПЕСОЧНИ ПЛАЖИ СО СИНО ЗНАМЕ И ПОЕВТИН ОД ХАЛКИДИКИ

    ПОЧНАА ЛЕТНИТЕ ЧАРТЕР ЛЕТОВИ ОД СКОПЈЕ ЗА КИПАР, ОСТРОВОТ СО 77 ПЕСОЧНИ ПЛАЖИ СО СИНО ЗНАМЕ И ПОЕВТИН ОД ХАЛКИДИКИНајпознати туристички места за одмор во Кипар се Аја Напа и Протарас, кои се одалечени околу 50 километри од градот Ларнака каде слетуваат чартерите од Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Тиркизно море, песочни плажи и 330 сончеви денови во годината, го прават Кипар да биде туристичка дестинација преку целата година. Има дури 77 плажи кои имаат добиено ‘сино знаменце‘, па тоа гарантира кристално чисто море на секој дел од островот. Историјата и културното наследство, развиените градови и селскиот туризам, нудат одмор за сечии вкусови. Прифатливите цени, дури и за македонски стандарди, привлекува голем број туристи не само од развиените европски држави туку и од Балканот.

    Кипар е островска држава која се наоѓа во источниот дел на Средоземно Море и е трет по големина и по населеност остров на Медитеранот, после Сицилија и Сардинија. Се наоѓа јужно од Турција, западно од Сирија и Либан, северозападно од Израел и Палестина, северно од Египет и југоисточно од Грција. Поради географската положба температурите се високи преку целата година односно времето е топло, а воздухот е влажен. Затоа туристичките работници во Кипар велат дека најдобро време за одмор е втората половина на септември.

    Морето е тиркизно, а водата кристално чиста. (Фото: СДК.МК)

    „Годишно во Кипар има над 2 милиони туристи. До лани најголем број беа Руси, кои исто така имаат и голем број фирми отворено тука во Кипар. Поради војната со Украина, а со оглед дека Кипар од 2004 година е членка на Европската унија, нивниот број е намален. Сега најбројни се Британците, Полјаците, Израелците и Германците, а од Балканот најмногу има Срби. Туризмот одржува десетици илјади работни места во Кипар и е од витално значење за нашата економија“, вели Мириа Стасули, туристички водич во Кипар.

    Најпознати туристички места за одмор во Кипар се Аја Напа и Протарас, кои се одалечени околу 50 километри од градот Ларнака, каде слетуваат чартерите од Македонија. Аја Напа и Протарас се споени, односно каде што завршува Аја Напа продолжува Протарас. Изобилуваат со хотели, ресторани, кафулиња, а токму тука се наоѓаат и наубавите плажи на островот. Хотелите најчесто функционираат по принципот појадок и вечера односно го немаат оној тип на ол инклузив аранжмани како што е карактеристичко за Турција.

    Цените за изнајмување на лежалки и чадори се по 2,5 евра, но има и делови за посетители кои не сакаат да плаќаат. (Фото: СДК.МК)

    Плажите на Аја Напа и Протарас, но и секаде во Кипар се јавни, нема приватни комплекси кои се наменети само за гости на хотелите. Морето е кристално чисто, бојата тиркизна и неколку нијанси на сина, а песокот златен. Цените за изнајмување на лежалки и чадори се по 2,5 евра, но има и делови за посетители кои не сакаат да плаќаат. Најпознати плажи во овој дел од осторов се „Ниси бич“, „Фиг три беј“, и „Конос беј“.

    „Аја Напа и Протарас до пред турската инвазија беа рибарски села, немаше ништо, ниту хотели ниту туристи. Дотогаш главно туристичко место во овој дел беше градот Фамагуста кој се наоѓа веднаш до Протарас. Но, после 1973 година и поделбата на Кипар, Фамагуста стана окупиран дел и Кипраните почнаа да го градат овој дел од островот. Низ годините беа подигнати голем број хотели, во Аја Напа е изградена пристаниште, сега се гради и во Протарас, па овој дел стана главно туристичко одмаралиште преку лето“, кажува Стасули.

    Кипар годишно има над два милиони туристи, а најбројни се Британците, Полјаците, Израелците и Германците. (Фото: СДК.МК)

    Градот Фамагуста кој до пред поделбата на Кипар важел за главно туристичко место сега е празен и го нарекуваат „град на духови“. Тој сега влегува во турскиот дел и за време на инвазијата од него биле протерани сите Кипријани. Во него до 2017 година не смеел никој да влезе освен турската војска и мисијата на Обединетите нации. Последниве неколку години градот почнува да заживува и да се населува. Туристите можат да го видат при крстарењата со брод околу Аја Напа и Протарас, од среде море преку двоглед.

    „Јас сум од Фамагуста и за време на инвазијата бев протерана од мојот дом. Сè до пред неколку години не можев да влезам во тој дел. Пред извесно време бев во мојата куќа, но таму сега живее друга жена. Првиот пат кога отидов ме пушти внатре и ми понуди кафе. Вториот пат ми рече куќата повеќе не е дом и ми ја затвори вратата“, ни раскажа Марија која е пензионерка, но работи и како туристички водич во Кипар.

    Кипар како туристичка дестинација не нуди само плажи и море, туку и културно-историски места, планински и вело туризам, вински региони, селски туризам, како и модерни градови.

    Долж крајбрежјето се наоѓаат градовите Ларнака, Лимасол и Патос. Лимасол е најмодерен и најголем од нив. Првиот впечаток кога ќе се влезе во градот е дека е мал Дубаи. Туристичките работници велат дека тоа е така затоа што голем број руски и арапски бизнисмени отвораат компании во Лимасол и тој сега се гради како еден вид бизнис центар.

    Границата меѓу грчкиот и турскиот дел на Кипар во главниот град Никозија. (Фото: СДК.МК)

    Никозија како главен град на Кипар е место кое мора да се посети бидејќи е единствен поделен град меѓу две држави, Република Кипар и непризнатата Турска Република Северен Кипар. Кипраните овој дел од островот го нарекуваат окупиран дел. Велат дека нема граница туку тоа е административна зона. Но, за да поминеш од едниот во другиот дел минуваш две пасошки контроли, на Република Кипар и на Турска Република Северен Кипар. А, границата се наоѓа во центарот на градот, на една од главните пешачки зони, полна со кафулиња, ресторани и продавници.

    Од ова лето Кипар како летна дестинација ја нудат и дел од македонските туристички агенции. Во аранжманите покрај сместување е вклучен и чартер лет.

    „Еднаш неделно односно секој вторник почнувајќи од 20 јуни, цело лето ќе имаме директен чартер лет од Меѓународниот аеродром Скопје до аеродромот во Ларнака. Нудиме голем број хотели кои на патниците ќе им овозможат незаборавен летен одмор. Сигурни сме дека со убавините, прекрасните плажи, но и пристапните цени, Кипар ќе биде хит дестинација за ова лето“, велат од туристичката агенција „ЈК Травел“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира