ЕУРИМАЖ СО 265.000 ЕВРА ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ФИЛМ „ЧОВЕК ПРОТИВ ЈАТО“ НА ТАМАРА КОТЕВСКА

    ЕУРИМАЖ СО 265.000 ЕВРА ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ФИЛМ „ЧОВЕК ПРОТИВ ЈАТО“ НА ТАМАРА КОТЕВСКАКотевска е корежисерка на „Медена земја“, а ова ќе биде нејзин прв игран филм; - Екипата на „Медена земја“ на Оскарите 2020 испиша историја со две номинации. (Фото: Фејсбук)

    „Човек против јато“, новиот филмски проект на режисерката Тамара Котевска, доби поддршка од 265.000 евра од Паневропскиот филмски фонд Еуримаж. Котевска е корежисерка на „Медена земја“, што доби 2 номинации за Оскар во 2020 година, за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Ова е нејзин втор филм, а прв игран.

    „Ова е втор македонски проект кој е поддржан оваа година од Еуримаж. Во режија на Тамара Котевска, филмот е копродукција помеѓу македонските продуценти ‘Аполо креатив солушнс’ и ‘Астерикс продукција’ и копродуцентите ‘Филмоскопија’ од Србија, ‘Зеинофилм’ од Турција и ‘Нуклеус филм’ од Хрватска“, вели Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонскиот национален претставник во Еуримаж.

    Таа додаде и дека куриозитет е што на 169-та сесија во јуни годинава беа пријавени 111 копродукциски проекти, бројка која не се памети во една иста сесија во историјата на Еуримаж.

    „Во ваква конкуренција проектот ‘Човек против јато’ беше оценет одлично и рангиран на високо 3-то место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа скоро идентични, би цитирала неколку: ‘…Преубав проект кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; Режисерката точно дефинира што сака да постигне; Јасно сценарио од почеток до крај…“. Во јунската сесија од вкупно пријавени 111 проекти 33 добија финансиска поддршка од Еуримаж и дотолку е позначајно што меѓу нив е и еден македонски проект“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Играното деби на Тамара Котевска со 325.000 евра го поддржа и македонската Агенција за филм на конкурсот во вториот рок во во 2019.

    Македонија е членка на Еуримаж од 2003, и во оваа јубилејна година 2 македонски проекти веќе добија финансиска поддршка: „Диџеј Ахмет“ на  Георги Унковски на 168-та сесија и „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија.

    Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 до денес поддржал 2.409 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 700 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира