Вооружени мажи брутално ја натепале угледната руска истражувачка новинарка Јелена Милашина додека патувала кон суд во Чеченија, објавија нејзините колеги. Милашина, на која ѝ биле скршени прсти, во минатото добиваше смртни закани од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.
Таа патувала со својот адвокат Александар Немов, кој исто така бил нападнат. Тие требало да присуствуваат на изрекувањето на пресудата за мајката на тројца избегани критичари на Кадиров.
Милашина кажа дека ги пресретнала група од 10-12 мажи кога биле во близина на аеродромот во Грозни.
„Тоа беше класично киднапирање. Го исфрлија возачот од автомобилот, ми ги врзаа рацете, ме натераа да клекнам и ми вперија пиштол во главата“, кажа Милашина во болницата во Грозни.
Од нејзиниот весник „Новаја газета“ изјавија дека Милашина има повреда на мозокот и три скршени прсти. Исто така, ѝ ја избричиле главата и ѝ фрлиле зелена боја во лицето.
„Нè фрлија покрај патот и нè удираа во лицето, по целото тело. Ме прободеа во нога“, раскажа Немов.
Кремљ објави дека станува збор за многу сериозен напад, кој се истражува.
Милашина на кратко избега од Русија во 2022 откако Кадиров ја нарече терорист и кажа дека тие секогаш ги елиминираат терористите.