ВРЕМЕ Е ЗА НАРОДНА БУНА, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО СТРУМИЧКО, ГНЕВНИ ШТО ВЛАДАТА СПОИ ДВЕ КОНЦЕСИИ ЗА РУДНИКОТ НА „ЕУРОМАКС“

    ВРЕМЕ Е ЗА НАРОДНА БУНА, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО СТРУМИЧКО, ГНЕВНИ ШТО ВЛАДАТА СПОИ ДВЕ КОНЦЕСИИ ЗА РУДНИКОТ НА „ЕУРОМАКС“Се отвораат вратите за можнa изградба на рудникот Иловица-Штука, посебно откако Управниот суд ја уважи жалбата на канадската компанија „Еуромакс“ на владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за експлоатација на руда. (Фото: СДК.МК)

    Активистите од „Здрава котлина“ со неверување ја дочекаа информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Според нив, ова значи дека се отвораат вратите за можнa изградба на рудникот Иловица-Штука, посебно откако Управниот суд ја уважи жалбата на канадската компанија „Еуромакс“ на владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за екплоатација на руда.

    Стравувањата за вакво сценарио го загрева и фактот дека основачот на компанијата „Еколог“ од Тетово, Назиф Дестани, преку неговата холандска компанија „НД Груп“ инвеситраше три милиони евра во „Еуромакс“, по што и Вишиот управен суд и Управниот суд ги прафатија жалбите на потенцијалниот концесионер.

    „’Еколог’ е помоќен од нашето државно судство, а ова спојување го докажа тоа. Тоа што го бараше ‘Еуромакс ресурси’ со години наназад, исто како и што 12-те пресуди на Управен суд и Виш управен суд го бараа, што досега никој не се дрзна да им даде, сега премиерот им дозволи да ги спојат концесиите, но секако со посредство на ДУИ, откако Назиф Дестани вложи милиони евра за 25% од акциите во ‘Еуромакс ресурси’. Најавуваме дека народот активно ќе се мобилизира и ќе се самоорганизираме да делуваме на секаков можен начин. И ние имаме ‘чизми’ кои многу време не се извадени. Време е за народна буна“, објавија од „Здрава котлина“.

    Според еко-активистот  Костадин Ристоманов, сето тоа е политичка игра иницирана од ДУИ во која се вмешани сите политички партии, судии, адвокати. Спроед него, несфатливо е како истиот Управен суд кој цело време ја бранеше одлуката на Владата сега ја уважува жалбата на „Еуромакс“.

    „Ние го очекувавме ваквиот расплет, бидејќи во нашата држава не владее правото. Ние сме под тивка окупација на ДУИ, а нејзиниот партнер СДСМ мудро молчи, најверојатно и тие се вмешани во целата ситуација, но нас не загрижува и опозицијата која исто така молчи, а кои беа на наша страна кога излегувавме на протести“, вели Костадин Ристоманов, кој не ја исклучува можноста за радикализирање на отпорот.

    Како што соопшти Министерството за економија, одлуката на Владата е донесена на седницата на 27 јуни годинава, а основ е пресудата на Управниот суд од 30 март, со која се уважува тужбеното барање на тужителот „Еуромакс“ ДОО Скопје и оспорената Одлука на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, донесена на 16 декември 2019. Одлуката вчера излезе во Службен весник, во која јасно стои да се спои концесијата за бакар и злато што се наоѓа на планината Огражден на територијата на Општина Босилово, со втората која се наоѓа исто така на Огражден, а се протега на териториите на Општините Босилово и Ново Село.

    Министерството за економија соопшти дека Владата и ова Министерство нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

    „Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без претходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата. И ова се однесува не само на дозвола за експлоатација во Иловица, туку и за отворање на било кој друг рударски капацитет во Република Северна Македонија“, велат од Министерството за економија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира