Кој сѐ и што сѐ може да биде чудовиште е темата на „Франкенштајн“, новата претстава на Театарот за деца и младинци, чија премиера е утре, 6 јули, во 20 часот. Преставата, која е наменета за публика над 14 години, ја постави режисерот од Србија Кокан Младеновиќ, кој вели дека претставува модерно читање на романот на Мери Шели. Драматурзи се Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски.
„Претставата се занимава со темата на создавањето чудовишта во секојдневието и општото неприфаќање на инаквиот во светот во кој живееме. Оваа претстава се обидува да одговори на прашањата за тоа како се случуваат девијациите во однесувањето на луѓето и од што истите се предизвикани. Дали секоја акција е реакција, и дали се раѓаме со перцепција за тоа што е исправно/ добро/прифатено/ правилно, или пак тоа е нешто стекнато, она на што нѐ учи мнозинството. И секако, На крајот ова е претстава за стравот, за тоа дека стравовите ни ги всадуваат уште од најраното детство и потоа, обидувајќи се да се одбраниме од тие стравови, реагираме на начин на кој создаваме чудовишта од себе си и од другите околу нас“, вели Младеновиќ.
Играат Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска. Екипата вели дека е многу важно средношколци да ја видат претставата, за да видат како сме сите, на некој начин, дискриминатори во општеството.
СценогрАфијата е на Кирил Василев, костимите на Александра Пециќ-Младеновиќ, музиката на Лука Кантарџиев, а кореографијата на Олга Панго.
Б. НЕСТОРОСКА