Додека платениците на „Вагнер“ маршираа кон Москва, федералните безбедносни служби на Русија упаднаа во седиштето на Евгени Пригожин во Санкт Петербург. Маскирани мажи запленија пари, документи и компјутери на медиумскиот холдинг „Патриот“, кој беше во срцето на информациското царство на Пригожин, кое со години го промовираше дома и сееше хаос и се мешаше во избори во странство.
Тоа беше почеток на напорите на Кремљ да го урне големото деловно царство на Пригожин по неговата побуна, која беше најголемиот предизвик за Путин откако е на власт.
Повеќе од три децении Пригожин ја градеше една од најтајните и најсложени корпоративни структури на светот, која вклучуваше платеничка војска, медиуми, логистика, рударство, филм и кетеринг, поради што и го доби прекарот „готвачот на Путин“. Путин неодамна кажа дека ќе се истражуваат финансиите на Пригожин, откако „Вагнер“ и кетеринг компанијата „Конкорд“ добиле речиси две милијарди долари за воени договори од мај 2022 до мај 2023.
Кремљ има долга историја на затворање неподобни медиуми, па веднаш удри на комуникациските канали на Пригожин. Во петокот беа блокирани повеќето медиуми поврзани со него, а веднаш потоа директорот на „Патриот“ објави дека моментално запираат со сите медиумски активности.
„На 30 јуни сите бевме отпуштени, а главниот уредник на сите ни пиша дека ‘Риа фан‘ се затвора“, кажа Андреј Карпов, продуцент во овој медиум.
Има назнаки дека властите почнале да го преземаат и најозлогласениот интернет канал на Пригожин, Агенција за истражување интернет (ИРА), фабрика за тролови најпозната по мешањето во изборите во САД во 2016. Дел од троловите на ИРА сега се свртеле против својот креатор.
„Илјадници профили на руската социјална мрежа ВК се преплавени со негативни коментари за предавникот Пригожин откако претходно со месеци го величаа. Тоа јасно кажува дека владата презела контрола врз нив“, велат од набљудувачката група „Стапица за Пригожин“, која ги следи интернет троловите поврзани со него.
До викендот беа отстранети повеќето потсетници на Пригожин во неговиот роден град Санкт Петербург, вклучувајќи го огромното лого на „Вагнер“ од седиштето на групата.