Вчерашното невреме кое го зафати Тетовскиот Регион, проследено со силни дожд и ветер, а на некои места врнеше и град, предизвика излевање на водите, кои поплавија повеќе куќи во градот, но најмногу проблеми им создаде на жителите на селото Непроштено. Таму се излеаја надојдените речни води, носејќи кал и камења и навлегоа во подрумите на повеќе куќи покрај главниот пат.
„Нешто после 18 часот почна силно да врне дожд и град. Јас досега немам видено такво невреме во Непроштено. Водата надојде од доловите и од реката во селото и долж целиот главен пат во Непроштено имаше поплавени куќи, во кои водата навлезе и во подрумите. Ова е сè поради неисчистените речни корита. Затоа сега Општина Теарце треба да реагира и да направи одводни канали во кои би се слевала водата“, раскажува Александар Исаиловски од Непроштено.
„Имаше големо невреме вчера. Надојде реката и овде сè беше поплавено, бидејќи цевката која е поставена не можеше да ја прими целата вода. Оваа цевка лесно се затнува со надојдени дрва и камења, па затоа овде треба да се направи мост, а не проблемот да се решава со цевка. Вчера со багер ги вадеа песокот и камењата што ги донесе водата. Сега патот кој ги поврзува двете страни на селото е блокиран“, вели неговиот соселанец Вело Томовски.
Од Општина Теарце веднаш излегле на терен и со тешка механизација почнале да го продлабочуваат речното корито и да ги прошируваат одводните канали за да ја примат сета надојдена вода.
„Поплавени се селата Непроштено и Теарце. Најкритичното место беше речното корито во Непроштено, каде што успеавме да санираме дел од мостот и да спречиме поголемиот дел од селото да се поплави. Поплавени се неколку подруми на куќи. Денеска се расчистува останатиот дел, таму каде што синоќа не успеавме да стигнеме со опремата“, изјави градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири.
Вчерашното невреме предизвика штети и во одделни делови од Тетово. На удар повторно беа населбите каде што и при минатите временски непогоди доаѓаше до насобирање на водата и поплавување на улиците и куќите.
СВР Тетово соопшти дека добиле пријави од жители на Требош, Теарце и Непроштено за поплавени домови и паднати дрвја, а биле оштетени и два автомобила.
З. АНДОНОВ