ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ПРЕДУПРЕДИ ГРАД СКОПЈЕ ИТНО ДА ПОЧНЕ ДА ГИ ЧИСТИ ПРЕПОЛНИТЕ КОНТЕЈНЕРИ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ПРЕДУПРЕДИ ГРАД СКОПЈЕ ИТНО ДА ПОЧНЕ ДА ГИ ЧИСТИ ПРЕПОЛНИТЕ КОНТЕЈНЕРИНеколку денови ѓубрето во Скопје не се собира оти дел од вработените протестираат и ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар побара од Град Скопје да почне да ги чисти преполните контејнери и канти за смет, алармирајќи дека од нив се шири неподносливата миризба низ главниот град.

    Од Општина Центар им велат на надлежните во Градот Скопје да не бараат оправдувања и веднаш да дејствуваат, бидејќи, како што велат од општината, високите температури најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет.

    „Голем број граѓани денеска се пожалија во општината поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град. Општина Центар апелира на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП Комунална хигиена. Ние како Општина со своето претпријатие ќе продолжиме со активно одржување на општинските површини. Предупредуваме, надлежните од Градот да не бараат оправдувања туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор, најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, велат од Општина Центар.

    Неколку денови ѓубрето во Скопје не се собира оти дел од вработените протестираат и ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“. Директорката на ова јавно претпријатие на Град Скопје Косана Мазнева-Николиќ денеска на прес-конференција рече дека група од подземјето, контролирана од политичка партија, намерно прави блокада на претпријатието и со тоа го загрозува здравјето на граѓаните.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира