ПУТИН СЕ СРЕТНАЛ СО ПРИГОЖИН ПЕТ ДЕНА ПО ПОБУНАТА НА „ВАГНЕР“, ПОТВРДИ КРЕМЉ

    ПУТИН СЕ СРЕТНАЛ СО ПРИГОЖИН ПЕТ ДЕНА ПО ПОБУНАТА НА „ВАГНЕР“, ПОТВРДИ КРЕМЉПригожин тврдеше дека целта на побуната не била соборување на владата, туку на шефовите на руската војска (Фото: АП)

    Владимир Путин се сретнал со Евгени Пригожин и со заповедниците на платеничката група „Вагнер“ пет дена по нивната побуна, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. На средбата се разговарало за побуната што Пригожин ја покрена против шефовите на руската војска.

    За оваа средба прв извести францускиот весник „Либерасион“, кој објави дека на неа биле и заповедникот на Националната гарда Виктор Золотов и шефот на руските разузнавачи Сергеј Наришкин. Според Песков, состанокот се одржал во Кремљ на 29 јуни и Путин на него поканил 35 луѓе, меѓу кои биле и Пригожин и заповедниците на одредите на „Вагнер“. Песков не откри детали за состанокот.

    „Единственото нешто што можеме да го кажеме е дека Путин дал своја оценка за акциите на ‘Вагнер‘ на фронтот за време на специјалната воена операција во Украина и за настаните од 24 јуни“, кажа Песков.

    Тој додаде дека Путин ги ислушал личните појаснувања на заповедниците за тоа што се случи и им понудил нови опции за вработување и борба.

    „Тие нагласија дека се цврсти поддржувачи и војници на шефот на државата и врховен командант на војската и кажаа дека се подготвени да продолжат да се борат за татковината“, изјави Песков.

    Краткотрајната побуна на „Вагнер“ беше прекината со договорот за кој посредуваше белорускиот претседател Лукашенко, по што беа отфрлени сите обвиненија против Пригожин и бунтовниците. Пригожин кажа дека нивната цел не била соборување на владата, туку на министерот за одбрана Шојгу и шефот на руската војска Герасимов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира