Во Основниот суд Струга денеска повторно беше одложено рочиштето за родилката од Дебар Јилдиз Веапоска, која при породување во 2020 во Струшката болница, остана без бубрег, матка и јајник. Вештакот од Клиниката за гинекологија и акушерство не се појави во судницата. Бил на годишен одмор, па Веапоска видно вознемирена и разочарана, рече нема никакви очекувања од струшкиот суд. Но, најави дека нема да се откаже од правда.
„Јас правдата ќе ја барам ако треба со години, додека сум жива! Бидејќи сум физички оштетена, а овде во ходниците судски и психички ќе се пореметам, можеби до мојата смрт правда ќе има“, рече Веапоска.
Од друга страна, според Законот за кривична постапка, судскиот процес се враќа на почеток, со нов судечки судија и пред нов совет, бидејки судијата Живко Аврамовски и обвинителот Благоја Даскаловски заминуваат во пензија.
„Секој бега како ѓавол од крст од овој предмет, ама нема каде да бегаат, јас ви гарантирам. Еден ден ќе падне пресуда и јас ви гарантирам дека таа ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и од правдата“, рече Сашо Јанев, адвокатот на Веапоска.
Првообвинетиот Мухамед Асани (лекар-специјалист гинеколог акушер), второобвинетиот Блертон Асани (лекар-специјализант по гинекологија и акушерство) и третообвинетата Лилјана Јованоска (лекар-гинеколог акушер), се товарат за Тешки дела против здравјето на луѓето. Тие при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобни средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствената состојба на родилката од Дебар, поради што таа остана без три органа.
Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. На првото рочиште тој и останатите двајца лекари кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
С. ВРЕНЦОВСКА