ВО ТЕК СЕ 7 АРБИТРАЖНИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ ДРЖАВАТА, ТУЖИТЕЛИТЕ БАРААТ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОТШТЕТА

    ВО ТЕК СЕ 7 АРБИТРАЖНИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ ДРЖАВАТА, ТУЖИТЕЛИТЕ БАРААТ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОТШТЕТАПоранешниот министер за здравство Никола Тодоров на потпишувањето на договорот за нов Клинички центар на 19 мај 2017 со италијанската фирма Инсо, која сега ја тужи државата. (Фото: МИА)

    Седум арбитражни постапки против Македонија се во тек пред Арбитражниот суд во Париз, а тужбените барања вкупно достигнуваат сума од 1,3 милијарди евра. Овие седум предмети се поднесени пред меѓународниот суд во периодот 2017-2022 година, но споровите се од претходно.

    Најпознат е спорот со Хеленик Петролеум, кој веќе има добиено еден случај против Македонија, за периодот од 1997 до 2007 година, за кој што судот ѝ додели оштета од 40 милиони долари на грчката нафтена компанија, а со спогодба ѝ беа исплатен 30 милиони долари. За вториот период (2008-2011), тужбеното барање беше, исто така, на 40-тина милиони долари, но судот одреди отштета од 21 милион. Добра вест за државата е што судот пресуди дека Хеленик Петролеум веќе нема право да бара дополнителна отшета, бидејќи грчката компанија планирала да тужи и за периодот од 2012 до 2019 година.

    Хеленик Петролеум ја тужеше Македонија за непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата „Окта“ склучен во 1999 година во времето на владата на Љубчо Георгиевски, во врска со набавка на минимално договорените количини мазут.

    Во случајот на Кунико Рисорсис од Холандија против Македонија, судот пресуди во корист на државата. Постапката, покрената во декември 2017 година, беше за наводно незаконски спроведена стечајна постапка за Фени, а тужбеното барање изнесуваше 72 милиони долари. Арбитражниот суд донесе одлука за запирање на постапката и ја задолжи компанијата да ѝ исплати на Македонија 3 милиони долари за адвокатски и други трошоци. Парите се веќе исплатени.

    Сопружниците од Индија Бинани пред арбитражниот суд во август 2017 година почнале постапка против Македонија за наводно незаконски спроведена стечајна постапка на рудникот Тораница, во врска со концесија за експлоатација на олово и цинк во Злетово. Тужбеното барање било 250 милиони долари.

    Во 2020 година, тужителот ја повлече тужбата и арбитражниот суд му наложи да ѝ ги надомести трошоците на државата за адвокати од 600 илјади долари и 132 илјади долари за други трошоци. Но, Индијците одбиваат да платат, па покрената е постапка за присилна наплата и половина од износот е веќе наплатен.

    Сепак, тие во ноември 2020 година покренуваат нова постапка пред судот за истиот случај. На барање на адвокатскиот тим на Македонија, кој смета дека станува збор за купување време, судот бара гаранција од Бинани дека има пари да ги плати трошоците за постапката. Тие не доставуваат гаранција и судот ја прекинува постапката.

    Најголем спор од овие седум е постапката покрената од словенечкиот бизнисмен Блажо Тасев, кој ја тужи државата за наводна неоснована експропријација на рудникот Саса. Тужбено барање изнесува 492 милиони евра и арбитражната постапка за овој спор кој трае 20-тина години е во завршна фаза.

    Поактуелни се последните две постапки. Шестмина Украинци, прес сè од фамилијата Скубенко, имаат тужбено барање од 77 милиони евра, во врска со концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро во локалитетот Казандол, кај Валандово, Богданци и Дојран. Постапката е покрената по референдумот во 2017 година, кога локалните жители изгласаа да се стопира работата на рударскиот комплекс Казандол.

    Инсо Системи од Италија бара отштета од 18,9 милиони долари од државата за еднострано раскинатиот договор за изградба на нов Клинички центар „Мајка Тереза“. Договорот беше потпишан од страна на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во 2017 година, а раскинат беше од следниот министер Венко Филипче. Оваа постапка е во иницијална фаза.

    Турската компанија Гама Гуч има покренато постапка против државата за стечајна постапка во 2018 година и парична постапка во 2013 година со Те-То. Тужбеното барање е 5 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира