Како и многу години наназад, така и денеска, велешките кројачи и шивачи се собраа за да го одбележат нивниот ден Петровден. Традицијата на нивното собирање трае веќе еден век. Некои занаети изумирале, други се раѓале, а занаетчиите од градот се дружеле. Годинава ги имаше десетина, но велат, колку сме, толку сме.
„Ја продолжуваме традицијата да го одбележиме овој наш ден, кога не работиме. Има сѐ помалку шнајдери и шивачки, ама мислам дека сме повеќе, но колегите не се запознати дека овој ден ни е празник. Вчера разговарав со колешка, таа не знаеше за денеска, мислеше дека наш празник е Св. Архангел Михаил. Работата е тешка, а малку е платено. Доаѓаат луѓето, купиле нешто евтино и треба да го преправиме по нивна мерка. И се жалат дека преправката излегува поскапо од тоа што го платиле за купување“, кажа шивачката Верче Наумовска.
По црковниот обред, мајсторите се собираат на муабет и се потсетуваат на некои минати времиња кога имало работа и муштерии. Се раскажуваат спомените дека велешани отсекогаш сакале да бидат модерни. Шивачите ја следеле модата и Велес секогаш имал убаво дотерани граѓани.
Меѓу присутните мајстори беше и Орце Стојановски, кој започнал со работа во 1971 година.
„Три години бев чирак, па полагав во школото ‘Коле Неделковски‘ – текстилна насока. На времето доста се работеше по порачка. Сега е повеќе сервисирање и поправка, времето си го прави своето“, вели Стојановски.
Според раскажувањето на постарите шивачи, Петровден е нивни празник оти Св. Петар е кројачот на судбината на луѓето, тој решава за животите, а шивачите ја кројат облеката на луѓето.
П. ПЕЧКОВ