Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг денеска во Скопје кажа дека земјата нема време за губење и одложувањето на усвојувањето на уставните измени значи одложување на пристапувањето на Македонија во ЕУ. Тој додаде дека треба да се искористи моментот и дека треба да се земат предвид националните интереси пред сè, а не партиските интереси.
„Нема време за губење. Би сакал да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Би било штета Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминавме многу тешкотии. Задача е на сите граѓани од оваа држава да не одат попусто сите овие напори. Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди по европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасност да биде изолирана. Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. 18 години чека Владата на Северна Македонија да дојде до овој момент сега ви останува вам да го искористите овој момент. Треба да се биде политички одговорен и да се имаат националените интереси пред сè, а не партиските интереси. Моментот е сега. Ве уверувам дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата, решение може да дојде само од Северна Македонија. Решението нема да дојде од Брисел, Виена, Прага или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде и од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред. Сега е време кога треба стратешки да се размислува, ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија – надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки“, изјави Шаленберг на заедничката прес-конференција со колегите од Македонија, Чешка и Словачка, по нивната средба во Министерството за надворешни работи.
Чешкиот министер Јан Липавски рече дека разбира оти ситуацијата со носењето на уставните измени е тешка, но се надева дека ќе биде надмината со преговори.
„Јас секогаш велам, НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Секако, Северна Македонија веќе ја сметаме за дел од европското семејство, процесот само треба да се заврши. Вие сте 100 процентно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ги поддржувате и ги применувате сите санкции против Русија и ви благодарам за тоа. Разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека ќе може да се надмине со преговори и се надевам дека ќе го направите тоа“, кажа Липавски.
Словачкиот министер Мирослав Влаховски се надева дека Македонија ќе стане членка на ЕУ до 2030 година.
„Треба сега да станете водачи, локомотивата која што ќе го влече процесот напред, да станете пример кој треба да се следи и се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме повторно да станете лидер на Балканот во евроинтеграциите како пред две децении. Северна Македонија е сигурен партнер, помагајќи во справувањето со руската агресија врз Украина. Словачка ја поттикнува Северна Македонија да ги искористи нашите искуства во преговорите. Сакам да нагласам дека членството во ЕУ навистина се исплати. БДП се зголемува и имате стабилност дури и кога се случува криза. Времето е сега, изборот е јасен, ве чекаме да станете членка на ЕУ што поскоро, а не подоцна“, изјави Влаховски.
Претходно неделава, премиерот Димитар Ковачевски најави дека уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот ќе влезат во собраниска процедура до крајот на месецов. Според преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, уставните измени се услов да почнат пристапните преговори со ЕУ.