Еден македонски државјанин е убиен, а другиот е в болница, откако е пукано врз нив во грчкото туристичко летувалиште Ханиоти на Халкидики. Како што јавуваат грчките медиуми, убиството се случило во 3:30 часот изутринава, а жртвите се на возраст од 39 и 45 години, туристи од Македонија.
Неофицијално, станува збор за пресметка на кланови поврзани со неодамнешните убиства во еден скопски локал.
Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) велат дека амбасадата во Атина стапила во контакт со надлежните институции, односно полицијата во Солун, и од таму е добиена потврда дека во Сани Вилас, Ханиоти двајца маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија.
„Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос“, велат од МНР.
Според информациите на Aмбасадатa, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот
Според првите информации од грчката полиција, непознати напаѓачи со качулки отвориле оган врз двајцата додека престојувале во изнајмен апартман. 39-годишниот маж бил мртов на лице место, додека 45-годишникот со прострелни рани бил пренесен прво во Здравствениот дом Касандра, а потоа во Општата болница „Полигирос“, каде што е на лекување.
Сторителите исчезнале, а полицијата трага по нив.