По минатонеделната посета на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, денеска во Скопје дојдоа дипломатски претставници на Франција, Германија и Полска во пресрет на собраниската расправа за уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Уставните измени се услов Македонија да ги отвори поглавјата од пристапните преговори со ЕУ според преговарачката рамка усвоена врз основа на францускиот предлог за симнување на бугарското вето.
На заедничката прес-конференција по средбата со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, француската државна секретарка задолжена за Европа Лоренс Бун рече дека не е Франција таа која што бара нешто, туку Македонија сака да ѝ се приклучи на ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање дали е свесна дека Франција е директно виновна со своите политики од 2019 година за незавидната позиција во која што се наоѓа Македонија во моментов.
„Всушност, сосема сум свесна дека под француското претседателство на ЕУ се откочи состојбата која што беше блокирана со години. Не бара Франција ништо, туку се работи за тоа што Северна Македонија сака да ѝ се приклучи на ЕУ. Имаше договор меѓу Северна Македонија и ЕУ и овој договор всушност овозможи повторно да се отвори патот за европска интеграција. И да ве потсетам дека бевте блокирани над 15 години. Исто така, се заштитуваат најчувствителните прашања околу националниот идентитет и веќе видовте дека сега сè е прифатено во врска со тоа. Беше потпишан договор за соработка со Фронтекс по години закоченост и македонскиот јазик ќе биде службен јазик во ЕУ. Ако сакате да упатите на методологијата, промените беа направени и осмислени токму за да се олесни и да се забрза пристапувањето и да се намали фрустрацијата на патот кон ЕУ“, кажа Лун.
Германската државна министерка за Европа и клима Ана Лирман рече дека ќе ја праша опозицијата каква е нивната идеја за иднината на Македонија.
„Сите членови на опозицијата ќе ги прашам каква е вашата идеја за иднината на земјата, дали навистина сакате земјава да ја пропушти оваа уникатна можност да се приклучи кон оваа заедница на просперитет, на ЕУ. Јасно е дека возот на пристапување и проширување се движи многу брзо и ако Северна Македонија не се движи со самите измени ќе го пропушти возот“, рече Лирман, додавајќи дека договорот помеѓу ЕУ и Македонија е фер и нема да има подобар договор.
Уставните измени треба месецов да влезат во собраниска процедура, но нема двотретинско мнозинство за нивно усвојување без поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.