Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу соопшти дека ѝ подарил комбе на џамијата во Арачиново, затоа што како верска институција таа е за ширење мир и спокој во општеството.
„Како што е веќе познато на јавноста, Агенцијата согласно Законот, бесплатно отстапува одземени предмети на други државни органи и надлежни институции преку кои отстапените средства се донираат за потребите на оние кои доставуваат барања. Така е и во овој случај, Агенцијата согласно законот, на нивно барање изготви предлог кој ќе биде проследен до управниот одбор и Владата на РСМ за добивање согласност, за која што верувам дека ќе биде позитивна, со оглед на тоа што верските џамии или цркви се институции од општествен карактер, чија намена е за граѓаните, споделувањето и ширењето на мир и спокој во општеството“, вели директорот Небиу.
Тој тврди дека Агенцијата секогаш стои во интерес и за доброто на граѓаните. Тоа, вели, е нејзина надлежност, која ја врши во поглед на социјалната реупотреба и бесплатно отстапување на одземени добра за општествени цели во кои ќе биде вклучен граѓанскиот сектор и која ќе биде и понатаму приоритет во работењето.
„Ве известуваме дека Агенцијата нема направено никаков законски прекршок со покренувањето на иницијативата- предлог за отстапување на возило, туку напротив постапуваме согласно законските надлежности на Агенцијата. Имено, откако сум на функција како директор во Агенцијата, имам одговарано на секое барање доставено до нашата институција, меѓу кои беше и барањето од страна на џамијата во Арачиново“, вели директорот Небиу.
Агенцијата станува сопственик на возилата кои се користени при вршење на кривични дела, или кога самите се предмет на криминал, но по правосилност на постапките.
С. К. ДЕЛЕВСКА