Стојанче Стоилов денеска објави крај на играчката кариера и ќе стане член на тренерскиот тим на РК Вардар. Тоа не е единствената голема промена во клубот пред стартот на новата сезона, откако Михајло Михајловски се повлече од функцијата извршен директор, што ја презема Борко Ристовски.
Владо Недановски останува тренер, а Стоилов ќе му биде помошник.
Михајловски, кој со децении вложуваше и го водеше Вардар, се врати во клубот по повлекувањето на Сергеј Самсоненко, во чија ера беа освоени две европски титули и сега по вторпат си заминува. Но, како што вели, го остава клубот на здрави нозе.
„Прифатив да се вратам по повлекувањето на Самсоненко за да го спасам клубот и го направив тоа од љубов. Имав цврсти ветувања дека ќе добиеме помош од многу страни, но пандемијата и енергетската криза придонесоа за пад на финансиски план и уште лани најавив дека сакам да се повлечам. Сега најдов добар тим и добри спонзори и клубот го оставам во сигурни раце“, изјави Михајловски.
Стоилов помина 12 години во Вардар откако претходно играше за градскиот ривал Металург и стана икона на навивачите.
Г. КОНЕВ