Антикорупциската комисија утврдила дека поранешниот директор на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта Скопје (Македонија пат) Беким Мемеди во 2020 година спровел јавна набавка за битумен од фирма добавувач, единствена пријавена на огласот, за која платил споредни трошоци и до 60 отсто повисоки од цената на основниот производ, битуменот.
„Од документацијата за оваа јавна набавка, утврдивме дека цената по која се пресметува набавката на битуменот врз основа на формулата за нејзина пресметка во годините претходно, а и по 2022 година, е значително поевтина за разлика од спорната набавка склучена на 24.06.2020 година. Имајќи предвид дека во 2022 година бележевме значително повисоки цени на нафтата и нафтените деривати кои влегуваат во вкупниот износ на останатите трошоци, нејасно е зошто се платени повеќекратно повисоки споредни трошоци при набавката, од цената на битуменот”, кажа членот на ДКСК Горан Трпеноски.
Тој предложи, а членовите на Комисијата прифатија до Обвинителството за организиран криминал и корупција ДКСК да поднесе иницијатива за преиспитување на можна злоупотреба на службената положба и овластувањата од страна на ексдиректорот на ЈП Македонијапат, при набавката на битумен од 2020 до 2022 година директно или преку посредник, за остварување корист за себе или за друг.
Исплаќани се фактури по значително високи цени кои се добивале врз основа на формулата за пресметување на цената на битуменот, согласно одредбите од договорот склучен помеѓу странките.
Она што дополнително укажува на евентуална злоупотреба на службената положба и прекршување на законските одредби, според ДКСК, е непостапувањето по укажувањата на Бирото за јавни набавки како надлежна институција во вршењето на управна контрола врз постапките за јавни набавки.
Предмет на рамковната спогодба е набавка на битумен 50/70 за производство на асфалт во времетраење од две години. Според склучената спогодба, требало да се испорачаат 9.350 тони битумен, а со оглед на тоа што една цистерна можела да транспортира околу 25 тони битумен, произлегува дека Јавното претпријатие, ќе купи битумен што ќе биде транспортиран со 347 цистерни. Во пријавата, се наведува и методологијата врз основа на која е направена пресметка на цената на битуменот, така што според таквата пресметка произлегува дека за една цистерна за транспорт на 25 тони битумен ќе се исплаќа 748.125.00 денари или 12.175 евра.
Подносителот прави споредба на оваа пресметана цена за транспорт на битумен со цената за транспорт која е предвидена во Посебниот договор за јавна набавка на стоки битумен, склучен меѓу ЈП Улици и патишта Скопје и приватна фирма, според кој цената за транспорт на една цистерна битумен изнесува 73.100,00 денари или 1.185 евра .
Според подносителот, постои основ за поништување на постапката склучен од страна на ЈП за заштита на магистрални и регионални патишта Скопје согласно член 114 од Законот за јавни набавки, бидејќи понудувачите понудиле цени кои се понеповолни од реалните на пазарот.
С. К. ДЕЛЕВСКА