Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше единствениот носител од редот на највисоките државни функции која не беше присутна на вчерашната свечена седница за конституирање на новото Собрание. Јанева и СЈО лани ги изгласа токму Парлементот, по договор на лидерите на четирите најголеми партии.
Од СЈО добивме потврда дека Јанева воопшто не добила покана од претседавачот со седницата Трајко Вељаноски. Да била поканета, сигурно ќе присуствувала, ни рекоа од ова Обвинителство.
Во кабинетот на Вељаноски за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснуваат дека поканите секогаш се пишуваат и испраќаат по таканаречена пресеанс листа, која е усвоена со владина одлука. Последната измена на пресеанс листата на носителите на јавни функции била извршена во јануари, 2013. Претходно, Владата внела измени во 2004.
“Собранието поканува гости според пресеанс листата за свечена седница. Нема тука субјективен момент, дали некому некој му се допаѓал па е поканет, или не му се допаѓал, па е изоставен. Таа листа постои откако постои државата и точно се знае кој треба да биде поканет на свечена седница, каде треба да биде распореден за седење и слично“, објаснуваат од кабинетот на Вељаноски зошто Јанева вчера не беше поканета на свечената седница.
Последен пат на измената во 2013 донесена на седница на Влада, потпишан е поранешниот министер за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески. Тој како министер за финансии, по формирањето на СЈО прв излезе и гарантираше финансиски средства за формирање и функционирање на новото Обвинителство и тоа го реализираше. Но, ни тој, ни тогашниот премиер Никола Груевски и министрите, не иницирале измена на владината одлука за пресеанс листата на носителите на јавни функции во Македонија за да ја вметнат и Специјалната јавна обвинителка. Тоа не го стори последнава година ни техничкиот премиер Емил Димитриев и така Јанева сѐ уште на оваа листа е надвор од кругот на носители на најважните функции во државата.
На свечената конститутивна седница вчера од правосуството беа сите: државниот обвинител Марко Зврлевски, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, в.д. претседателката на Врховниот суд Снежана Бајлозова.
С. К. ДЕЛЕВСКА