Стружани останаа без вода за пиење во ноќните часови откако локалното jавно претпријатие „Водовод и канализација“ воведе рестрикции во периодот од еден до шест часот. Оттаму велат дека имало злоупотреби на водата во вечерните часови, а ограничувањето ќе трае до стабилизирање на состојбата.
„Иако издашноста на изворите е висока, 471 литар во секунда, поради високите температури и големата злоупотреба на водата за пиење воведуваме рестрикции за да не дојде до проблеми при водоснабдувањето“, вели директорот на претпријатието Дашмир Насуфи.
Тој кажа дека комуналните инспектори во координација со полицијата ќе прават теренски контроли за откривање на случаи на злоупотреба.
„За корисниците кај кои ќе се констатира злоупотреба на водата за пиење или незаконска употреба ќе се преземат законски мерки. Податоците за овие корисници, без да се прекрши Законот за заштита на личните податоци, ќе бидат објавени на веб-страницата на претпријатието“, велат од „Водовод и канализација“.
Стружани се гневни. Велат дека недостиг на вода има секоја година, само оправдувањата се различни.
„Скоро секоја година, посебно во летниот период, сме без вода, а оправдувањата претходно беа различни, како временски услови, водоводна мрежа, менување цевки, а ние и натаму живееме со рестрикции во 21. век“, вели повозрасна стружанка.
Во Општина Охрид засега нема рестрикции, и покрај тоа што потрошувачката е зголемена, па во одредени периоди и на одредени места притисокот е видно намален. Од ЈП „Водовод“ Охрид апелираат водата да се користи исклучиво за пиење, а не и за наводување земјоделски површини.
„Со зголемените температури се злоупотребува водата од водоводната мрежа за наводнување паркови и насади. Оние кои имаат можност нека ја користат техничката вода, со цел во овие жешки денови да обезбедиме доволно вода за граѓаните на Општина Охрид. Имајќи предвид дека се наоѓаме во шпицот на летната сезона, дека во викендите градот е преполн со туристи, водата треба да се користи рационално“, вели директорот Маријан Ристески.
С. ВРЕНЦОВСКА