Некои корални гребени на архипелагот Флорида Кис ова лето ја губат бојата неколку недели порано од нормалното поради рекордно високите температури на водата, што значи дека се под стрес и нивното здравје е потенцијално загрозено, велат американските научници. Коралите треба да бидат живописни и шарени во овој период од годината, но брзо стануваат бели, рече Кејти Лешнески, координатор за истражување и мониторинг за Мисија: Иконски гребени, што Националната управа за океани и атмосфера ја лансираше за да ги заштити коралните гребени на Флорида.
„Коралите се бледи, изгледа како бојата да истекува“, рече Лешнески, која помина неколку дена на гребените во последните две недели. „Некои единки се целосно бели, а допрва следи обелувањето“.
Научниците оваа недела го подигнаа системот за предупредување за белење корали на ниво 2 за архипелагот, досега највисоко ниво на топлински стрес од можни пет нивоа. Тоа ниво се постигнува кога просечната температура на површината на водата е околу 1 степен Целзиусов над нормалниот максимум осум последователни недели. Температурите на површината околу Кис се просечни околу 33 степени Целзиусови, што е многу над нормалниот просек од средината на јули од 29,5 степени. Претходно, ниво на предупредување 2 се достигуваше во август.
Коралните гребени се составени од мали организми кои се поврзуваат заедно. Гребените ја добиваат својата боја од алгите кои живеат во нив и се храна за коралите. Кога температурите се превисоки, коралите ги исфрлаат алгите, правејќи ги гребените да изгледаат бели или избелени. Тоа не значи дека тие се мртви, но коралите може да гладуваат и се поподложни на болести.
Истражувачите велат дека некои корални гребени почнале да ги покажуваат првите знаци на белење пред две недели. Потоа, во последните неколку дена, некои гребени ја изгубија целата своја боја. Тоа никогаш не било забележано пред 1 август. Врвот на белење обично се случува кон крајот на август или септември.