Целата влада застана зад осудата за палењето на скапото ауди на пријателот на вицепремиерот Артан Груби, зашто го користел Груби. Месечно се палат повеќе коли на разни места во Македонија, а Владата не реагирала.
„Безбедноста е врвен приоритет во едно демократско општество. Владата на Република Северна Македонија го осудува чинот на палење на возилото кое го користел првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, и смета дека истото е акт на насилство кој е целосно неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности. Сите надлежни институции, истражните и судските органи, во рамките на своите надлежности постапуваат без одлагање, одлучно и професионално со цел целосно разрешување и расчистување на овој случај во најбрз можен рок“, соопшти денеска Владата.
Обвинителството денеска кажа дека отворило предмет за случајот. Но, ја повикува и Антикорупциската комисија да му го провери на Груби анкетниот лист за имотната состојба.
„ОЈО Скопје отвори предмет за случајот веднаш по опожарувањето на возилото. Даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото. Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата. Ако проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, соопшти Скопското обвинителство.
Попладнево ДУИ соопшти дека на партискиот состанок, претседателот Али Ахмети и Генералниот совет „го осудија нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го истиот како напад врз ДУИ“.
Ни МВР, ни Владата, а уште помалку Груби, не кажуваат зошто вицепремиерот го користел возилото на пријателот, дали евентуално му е скриен и непријавен имот?
Од чудни причини, на овие прашања нема одговор, но јавноста се сомнева дека ќе следува одговор во кој ќе се истакне многу совесно однесување од вицепремиерот, во моменти кога граѓани сведочат за масовна злоупотреба на службените возила, министерските кабинети и други државни ресурси од партијата на Груби, владејачката ДУИ.
Вчера, првин МВР кажа дека возилото според сопственоста нема врска со Груби, кој воопшто не се ни појавил на увидот по палењето на аудито. МВР веднаш ги објави иницијалите Б. Л. на сопственикот на возилото.
Потоа, Груби во објава на Фејсбук кажа „Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”.
Тој не кажува дали возилото е негово ниту дали го користи, но рече дека нападите биле резултат на неговата работа.
„Континуираните закани и последователни напади ги сметам за кукавички и подмолни, но немам намера да запрам и да престанам да работам и да ги исполнувам очекувањата на граѓаните. Се извинувам што мојата и вознемирувањето на моето семејство се претвори и во грижа и вознемиреност и на соседите и на пријателите. Изразувам благодарност до сите мои соседи како и до безбедносните сили и нивните напори да го решат синоќешниот напад”, напиша вицепремиерот Груби на Фејсбук.
Потоа, министрите Османи и Бектеши излегоа со осуда за палењето, со назнака дека тоа ауди го користел Груби.
„Бесен сум на веста за одвратниот чин – палењето на возилото на вицепремиерот Груби”, напиша министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ во објава на Фејсбук. Министерот за економија Крешник Бектеши изрази жалење „за обидот за напад на првиот вицепремиер Артан Груби”.
Доцна синоќа и владејачкиот СДСМ соопшти дека „го осудува палењето на возилото кое го користел вицепремиерот Артан Груби“. Од партијата кажаа дека очекуваат „сите надлежни институции, МВР, истражните и судски органи целосно да го расчистат случајот, а јавноста да биде информирана за причините, мотивите и сторителите кои треба да понесат одговорност“.