ПОЖАРИТЕ ЗАФАТИЈА МАЛ ДЕЛ ОД РОДОС, ТУРИСТИТЕ МОЖАТ ДА ДОАЃААТ, ВЕЛАТ ГРЧКИТЕ ВЛАСТИ

    ПОЖАРИТЕ ЗАФАТИЈА МАЛ ДЕЛ ОД РОДОС, ТУРИСТИТЕ МОЖАТ ДА ДОАЃААТ, ВЕЛАТ ГРЧКИТЕ ВЛАСТИПожарникарите се борат со над 80 пожари низ Грција (Фото: ЕПА)

    Грчката министерка за туризам Олга Кефалојани изјави дека туристите и натаму можат да патуваат на Крф и Родос, и покрај пожарите кои беснеат таму. Таа ги негираше информациите дека пожарите зафатиле 50% од Родос.

    „Нема нарушувања на авиосообраќајот и важно е да се напомене дека е зафатен само мал дел од Родос. Не се точни информации дека се погодени 50% од островот, туку меѓу 10% и 20%“, изјави Кефалојани.

    Викендов беа евакуирани околу 19.000 луѓе од Родос, каде што огнот стигна до крајбрежни одморалишта на југоисточниот брег на островот. Пожарите на Родос траат веќе седум дена, а во гаснењето учествуваат и противпожарни летала од Турција, Хрватска и Египет.

    „Тоа навистина беше најголемата евакуација досега спроведена во Грција и заврши за неколку часа, но сите се безбедни“, кажа Кефалојани.

    Властите наредија евакуација и на речиси 2.500 луѓе на Крф, но најголемиот дел од тамошните пожари сега бил под контрола.

    „Веруваме дека сите наскоро ќе бидат изгаснати. Имаше четири пожари кои избувнаа истовремено. Истрагата е во тек, но првите претпоставки се дека биле подметнати. Ситуацијата сега е подобра“, изјави заменик-градоначалникот на Крф, Теофанис Скембрис.

    Пожарникарите се борат со 82 пожари низ земјата, од кои 64 избија вчера, што беше најтоплиот ден ова лето во Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира