СЕМЕЈСТВО ОД КОЛОРАДО ПРОНАЈДЕНО МРТВО ОТКАКО СЕ ОБИДЕЛО ДА ЖИВЕЕ ВО ДИВИНА

    СЕМЕЈСТВО ОД КОЛОРАДО ПРОНАЈДЕНО МРТВО ОТКАКО СЕ ОБИДЕЛО ДА ЖИВЕЕ ВО ДИВИНАОстатоците се пронајдени во камп во националната шума Ганисон (Фото: Алами)

    Семејство од Колорадо чии делумно мумифицирани остатоци се пронајдени во зафрлен камп во шума се обидувало да живее во дивина и да избега од цивилизацијата. Властите ги идентификуваа телата како сестрите Кристин (41) и Ребека Венс (42) и 14-годишниот син на Ребека.

    Остатоците се пронајдени во камп во националната шума Ганисон, околу 15 километри од Охајо Сити, Колорадо.

    Полусестрата на двете жени Тревала Џара изјави дека тие минатото лето заминале да живеат во дивина, со цел да избегаат од светот. Сестрите немале никакво искуство во преживувањето, туку само истражувале на интернет и гледале видеа на Јутјуб.

    „Се обидовме да ги запреме, но не сакаа да слушаат. Беа решени да го направат тоа. Тие не беа луди, туку едноставно неподготвени“, изјави Џара.

    Телата случајно биле откриени од еден планинар овој месец. Властите потоа пронашле празни конзерви, книги и место за одмор во кампот, сугерирајќи дека тие се обидувале да живеат на конзервирани производи. Во кампот немало возило и оружје. Причината за смртта засега не е утврдена, но на телата имало знаци на неухранетост.

    „Изложеноста на природните елементи и острата зима веројатно придонеле за нивната смрт. Оваа година имавме особено остра зима. Веруваме дека починале во текот на зимата“, изјави шерифот на округот Ганисон, Мајкл Барнс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира