Пожар што беснее во централна Грција предизвика големи експлозии во складиште за муниција на грчките воздушни сили, поради што биле евакуирани неколку борбени авиони „Ф-16“ од тамошната воена база. Грчките медиуми објавија дека во полното складиште имало бомби за „Ф-16“ тешки меѓу 450 и 900 килограми, како и проектили воздух-земја, дизајнирани за напаѓање радарски системи.
Во воздушната база близу градот Неа Анхијалос наводно биле сместени околу 70 авиони „Ф-16“. Некои од нив биле преместени во други бази низ земјата. До синоќа не беше познато дали сите авиони ќе бидат преместени.
„Овој пожар во регионот Тесалија стана најопасниот од 124-те активни пожари регистрирани низ земјата. Се појавија нови 83 пожари за период од 24 часа, до 18 часот вчера. Ситуацијата е крајно опасна“, изјави портпаролот на противпожарната служба Јанис Артопиос.
Тој додаде дека властите издале препорака за евакуација на 12 гратчиња и села во Тесалија.
На Родос, каде што летово изби најголемиот пожар, пожарникарите контролираат расфрлани жаришта, кажа Артопиос.
Премиерот Кирјакос Мицотакис вчера изјави дека најголем дел од пожарите се подметнати или предизвикани од невнимание.