Дваесет и седумгодишна жена од штипско почина на Инфективната клиника во Скопје, откако било касната од крлеж, соопшти директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Шабан Мемети. Според него, на 27 јули во лабораторијата за вирусологија бил докажан причинител на конго-кримска хеморагичка треска кај пациентката.
„Се работи за 27- годишна жена од с. Кучица, Штип која поради брзо прогредирање на болеста починала истиот ден. Тим од одделот за епидемиологија при ИЈЗ во соработка со епидемиолог од СЈЗ Штип направи веднаш увид во селото, Kлиничката болница Штип и Итна медицинска помош во Штип. Направена е и епидемиолошка анкета за пациентката по што дознавме дека била касната од крлеж кој бил изваден во домашни услови, по појава на симптоми (неколку дена по каснувањето) најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје“, вели Мемети.
Директорот продолжува дека со оглед на тоа што болеста се пренесува и преку крв од заразеното лице направено било пребарување на сите контакти во семејството, како и во Клиничката болница и Итната медицинска помош Штип при што биле класифицирани според ризик (висок, среден и низок).
Од контактите со висок ризик биле земени 4 материјали за тестирање и тие се негативни. Сите контакти од среден и висок ризик се ставени под здравствен надзор во наредни 14 дена.
Директорот додава дека втор тим од епидемиолози од ИЈЗ направи увид на Инфективна клиника со пребарување на сите контакти и нивна класификација.