Талибанците запалија музички инструменти во Авганистан, тврдејќи дека музиката предизвикува морална корупција. Илјадници долари вредни парчиња музичка опрема беа запалени во западната провинција Херат, вклучувајќи гитари и звучници. Голем дел од нив биле запленети на свадби.
Откако се вратија на власт во 2021, талибанците наметнаа низа забрани, што се однесува и на свирење во живо.
„На луѓето во Авганистан им е ускратена уметничка слобода. Палењето музички инструменти во Херат е само еден пример на културниот геноцид што се случува во земјата“, изјави Ахмад Сармаст, основачот на Националниот музички институт на Авганистан.
Сите форми на музика беа забранети на јавни собири, радио и телевизија додека талибанците беа на власт од средина на 1990-ите до 2001. Музичката сцена процуте во следните две децении, но по враќањето на талибанците многумина музичари избегаа од земјата. Оние кои останаа често се цел на физички напади и дискриминација.