Зградата во Москва која утрово повторно беше погодена со дрон е дом на неколку владини агенции, вклучувајќи министерства. „Ај-Кју квортер“ се наоѓа во современата комерцијална област Москва Сити и во неа се сместени седиштата на министерствата за економски развој, дигитален развој и комуникации и за индустрија и трговија.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека дронот удрил во 21. кат на зградата, каде што се наоѓаат канцеларии на министерството за економски развој. Снимките од местото на ударот покажуваат дека недостигаат неколку стаклени панели од фасадата, како и јагленисана внатрешност.
Руското министерство за одбрана соопшти дека два дрона биле соборени надвор од Москва, а третиот удрил во облакодер откако бил онеспособен. Истата зграда беше погодена и во нападот во неделата. Руските власти и тогаш кажаа дека дронот прво бил соборен од противвоздушната одбрана.
Според руските медиуми, оваа година имало повеќе од 120 напади со дронови во Русија и окупираните територии во Украина. Тоа вклучува и неколку напади на Москва, која е оддалечена околу 450 километри од украинската граница. Аналитичарите велат дека сето тоа ја покажува ранливоста на Русија, додека војната во Украина навлезе во 18. месец.