Климатските промени го донесоа во земјава азискиот тигрест комарец. Станува збор за инвазивен вид, со агресивни убоди и причинител на тропски и суптропски болести. Како што велат Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), изминативе неколку години граѓаните повеќе се жалат на комарци поради појавата на тигрестиот комарец кој е активен 24 часа. Затоа, од ЦЈЗ препорачуваат да се укине авионското прскање против комарци и да се воведе прскање од земја.
„Комарците во Скопје се мониторираат од 2014 година. Нивната бројност не е значително променета, но затоа пак бројот на видови комарци е зголемен за еден инвазивен вид, т. е. за азиски тигрест комарец, и за еден неинвазивен вид кој повеќе е значаен за здравјето на животните. Појавата на инвазивниот вид е условена од климатските промени, односно од глобалното затоплување. Тој влијае врз квалитетот на животот на населението и пренос на причинители на тропски и суптропски болести. Активен е 24 часа, неговите убоди се многу агресивни, можна е појава на локални алергиски реакции“, вели м-р. сци. Николина Соколовска, медицински ентомолог во Центарот за јавно здравје.
Тигрестиот комарец, како што објаснува Соколовска, врши супресија и на нашите автохтони видови комарци и е многу потежок за сузбивање, бидејќи бара мали вештачки создадени живеалишта како тацни, вазни, автомобилски гуми, олуци, отпад, лименки, и друго, садови кои задржуваат вода, и секогаш се наоѓаат ниско околу луѓето.
Тигрестиот комарец е одговорен за ширење на неколку вирусни заболувања како денга, чикунгунија, зика и жолтата треска. Како што вели докторот од Инфективната клиника Иван Видиниќ, самото негово присуство не значи болест или инфекција.
„Комарецот има потенцијал доколку дојде во контакт со заболен човек да ја шири болеста на други луѓе. Кај нас тоа не е случај, бидејќи популацијата на овие комарци е сè уште мала, а поединечните случаи на заболени со вирусните болести кои ги пренесува овој комарец се асоцирани со патување во далечните земји и тука се прекинува натамошниот ланец на ширење на овие заболувања. Во нашата институција оваа година имавме само еден ваков пациент, кој беше повратник од патување во југоисточна Азија и помина со лесни симптоми“, вели Видиниќ.
Најголем процент, 80 % од инфекциите од комарци се асимптоматски, инфекцијата поминува без никакви симптоми. Кај останатите 19% болеста се манифестира со општи симптоми како покачена температура, малаксаност, главоболка, гадење, повраќање, понекогаш и осип. Помалку од 1 % развиваат потешка клиничка слика.
За да се сузбие тигрестиот комарец, од Центарот за јавно здравје сметаат дека треба да се смени начинот на прскање против комарци, односно да се укине авионската дезинсекција.
„Затоа, наша препорака е заедничка борба против нив односно едукација и помош на населението. Општините да го прилагодат планот и програмата на дезинсекцијата на комарците според новонастанатата состојба. Да стават акцент во третирање на водите со ларвицид, да го едуцираат населението, Општините добро да ја менаџираат животната средина, да спроведуваат дезинсекција на возрасни комарци од земја. Авионската дезинсекција на возрасни комарци да се укине над населено место, бидејќи е докажана како неефикасна. Авионски може да се прска над недостапни терени, шумски предели или при елементарни непогоди“, додава Соколовска.
Г. КОНЕВ