Ги следиме будно сите состојби со појава на заразни болести, засега нема ништо што е алармантно, граѓаните може да бидат мирни и спокојни, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
На 30 јули, директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Шабан Мемети кажа дека 27-годишна жена од Штипско починала на Инфективната клиника во Скопје, откако било касната од крлеж. На 27 јули во лабораторијата за вирусологија бил докажан причинител на конго-кримска хеморагичка треска кај пациентката. Меџити денеска кажа дека семејството на починатата жена е во карантин.
Дописникот на МИА од Белград, на 30 јули објави дека од Институтот за јавно здравје на Војводина соопштиле дека во Србија се потврдени два случаи на заразени со вирусот Западен Нил, пациентите се на болничко лекување и се во добра општа состојба. Заразени комарци, кои ја пренесуваат болеста, досега се регистрирани на три локации во Србија – Белград, Ниш и Палиќ.
„Ги следиме будно овие состојби и понатаму ќе одлучуваме. Засега нема ништо што е алрамантно, сите може да бидат мирни и стабилни . Будно следиме и ако има потреба, сѐ ќе средиме“, рече Меџити одговарајќи на новинарски прашања после прес-конференцијата за Комисијата за ажурирање на позитивната листа на лекови.
Доктор Иван Видиниќ од Клиниката за инфективни болести во Скопје ни рече дека вирусот на западно-нилската треска е присутен меѓу дивите птици, а на луѓето се пренесува при каснување од обичниот (домашниот) комарец кој претходно се заразил хранејќи се на птиците.
„Комарецот не може да се инфицира од заболен човек, туку единствено од заразени диви птици и потоа да го пренесе вирусот на човекот. Го потенцирам ова бидејќи кога се работи за превенција на западно-нилската треска потребна е покрај контрола на популацијата на комарци, и контрола на инфицираните птици кои се резервоар на ова заболување. Затоа оваа болест е присутна во летните месеци во земјите со умерена клима како нашата, а во потоплите земји и низ целата година. Случаи на заболени со оваа болест има секоја година, во нашата клиника годинава имавме еден ваков пациент кој се врати од летување на Јадранско море“, изјави д-р Видиниќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Б. НЕСТОРОСКА