Денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот, кажа премиерот Димитар Ковачевски во говорот за 2 Август, Денот на Републиката – Илинден, на 120-годишнината од Илиненското востание. Тој во обраќањето пред Споменикот на слободата „Сила, слава и победа” на Кале во Скопје рече дека денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој го оставија илинденците и асномците.
„Порано битките биле на бојното поле денес тоа е дипломатското поле. Успеавме да седнеме на европската маса и да го отвориме преговарачкиот процес поставувајќи го македонскиот јазик на исто рамниште со другите европски јазици. Оваа Влада постапи по аманетот на илинденците и асномците дека правата се штитат на рамноправен терен, седнати на иста маса заедно со останатите европски земји и светски сили. И сите кои во наредниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава, интегрирана во големото европско семејство или пак ќе останеме сами и изолирани. Секој кој сака да се повикува на патриотизмот во претстојните одлуки кои треба да обезбедат континуитет на прогресот поставен со Илинден и АСНОМ, нека погледне длабоко во себе и нека погледне добро пред себе. Илинден и АСНОМ ги одликува одлучност, а не откажвање, затоа што откажувањето е пораз, одлучноста е победа. Огништето на татковината значи полни домови, насмеани лица, мотивирани млади луѓе и среќни граѓани. Ако сонот на граѓаните е да живеат во европска држава, тогаш тоа нека биде тука во татковината“,рече Ковачевски во празничниот говор.
Тој додаде дека огништето на татковината, како што е слоганот на годинешното празнување на 2 Август, треба да го сочуваме, за да не се случи да го оставиме празно.
„Да го сочуваме огништето за да има кој да пишува, да твори на македонски јазик. Изолирани може да говориме, но кој ќе нѐ слуша. Да си ја сакаш дравата значи да се бориш за перспективите. Обединети ја добивме битката за членство во НАТО, обедините може да ја добиеме и следната битка за членство во ЕУ. Ниту еден успех не е постигнат еднаш засекогаш, поуката од минатото е дека иднината зависи од изборот кој го правиме денес. Затоа тој избор нека не се предрасудите туку огништето нека е нашата татковина“, рече Ковачевски.
А. АНТЕВСКА